Една петтина од луѓето коишто ја примиле кинеската вакцина „Синофарм“ во Србија, го немаат очекуваниот резултат на имунизација.
Студијата на институтот за медицински истражувања во Белград, која од Февруари ја спроведува научен тим од институтот, покажува дека 20 отсто од ре-вакцинираните со вакцината „Синофарм“, не развиле антитела на корона, а тие се претежно постари од 70 години, пишува српска „Политика“.
За еден дел од таа група, кои покажале некаков одговор, макар тоа било и под референтните вредности, може да се очекува, во случај на контакт со вирусот, да бидат барем делумно заштитени, но има и такви кои ниту малку не реагирале на вакцината – велат од институтот.
Оттаму се прашуваат како овие луѓе ќе се заштитат од заразата, како и кога ќе добијат следна вакцина, на која организмот би требало да реагира.
Многу ни е тешко да им објасниме дека сѐ уште не постои можност да добијат некоја друга вакцина, а тука е и делот од граѓаните кои работат на такви работни места, па постојано се во контакт со луѓе и стравуваат од заразата – вели доктор Олгица Ѓурковиќ Ѓаковиќ, научен советник на институтот.
Се очекува во Србија во еден момент со „Синофарм“ да бидат вакцинирани повеќе од 1,7 милиони луѓе.
Ако истражувањето потврди дека една петтина од нив воопшто не развиваат антитела и дека тоа е почесто кај најстарата популација, која почесто е придружена со хронични заболувања, се поставува прашањето за дополнителна вакцинација на овој дел од населението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.