Милионска е сумата која некогашниот командант на специјалната единица на УЧК „Црни орли“ ја пријавил пред законот. Како лидер на Алијансата за иднината на Косово и поранешен косовски премиер, Рамуш Харадинај во Агенцијата за борба против корупција во Приштина пријавил  дека поседува куќа од 950 квадратни метри во вредност од 300.000 евра, која ја издава под закуп, а која, како што изјави, ја изградил сам со помош на пријатели, пренесува „Коха“.

Во имотната карта запишал и семејна куќа во вредност од 270.000 евра, која ја платил со продажба на претходен имот и која ја поседува заедно со сопругата, а исто така изјавил дека поседува земја од 200 хектари во вредност од 75.000, што го добил со приватизација во 2009 година.

Тој исто така пријавил дека поседува друга парцела со земја од 21,5 ари во вредност од 27.300 евра, како и резиденција од 500 квадратни метри што ја купил во 2016 година за 202.000 евра додека била сè уште во изградба.

Од недвижниот имот, поранешниот премиер на Косово пријави дека поседува и стан од 213 квадратни метри, вила од 405 квадратни метри сопственост на неговата сопруга, а тој пријавил дека неговата сопруга поседува автомобил вреден 8.000 евра.

Харадинај има пријавени заштеди од 19.108 и 4.729 евра во банките.

Кога станува збор за приходите, Харадинај изјави дека годишно добива 36.733 евра од изнајмување недвижен имот, како и 2.700 евра од инвалидска пензија и дека неговата сопруга има годишен приход од 7.920 евра од РТК и 12.000 од Елсиг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.