Унгарските власти и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) предупредуваат дека во текот на 2019 година двојно е зголемен бројот на илегални гранични премини на така наречената Балканска рута во однос на 2018 година.
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“ (www.balkansec.net), советникот за национална безбедност на премиерот на Унгарија, Ѓерѓ Баконди објави дека бројот на обиди за илегални премини од Балканот кон таа земја во 2019 година достигнал 13.000, што е двојно повеќе од пред една година.
Покрај границата со Србија, забележавме зголемени активности на границите со Хрватска и Романија, истакна Баконди.
Тој додаде дека криумчарските групи започнале да ги враќаат мигрантите од БиХ во Србија, откако Загреб ја засили контролата врз своите граници, со финансиска помош од Европска Унија.
Будимпешта оценува дека во Западен Балкан во моментот има околу 98.000 мигранти, што според нив е „ризик за Централна Европа“.
Најновиот извештај на Фронтекс потврдува дека бројот на нелегални влегувања на рутата на Западен Балкан е двојно зголемен во однос на 2018 година. Според Агенцијата, две третини од годинашниот миграциски бран во Европа доаѓа од Турција. Секој трет мигрант е од Авганистан и една четвртина се сириски државјани, наведува „Балканска безбедносна мрежа“.
Унгарските податоци означуваат промена на трендот на мигрантите во однос на државата на потекло, така што во последните години повеќето баратели на азил биле од Авганистан, Пакистан и Иран, и оваа година има зголемување на сириските државјани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.