Италијанските медиуми пишуваат дека двајца Хрвати, 27 и 29 години, го вклучиле автопилотот на бродот и заспале, а потоа удриле во камен и започнал да тоне. Тие успеале да допливаат до брегот, но на италијанската страна на Јадранското Море.

Имале време да скокнат во морето кога нивниот рибарски брод во 4.30 часот наутро почнал да тоне на речиси 3 километри од италијанскиот брег. Вака италијанските медиуми ја опишуваат неверојатната случка на двајцата Хрвати кои тргнале на рибарење, па заспале во бродот, а кога се разбудиле во Италија нивниот брод почнал да тоне, објави „Блиц.рс“.

Дојдов да го отворам моето кафуле во 7 часот наутро и тогаш ги видов. Мислев дека станува збор за локални рибари, но кога погледнав малку подобро видов дека имаат само долна облека и чорапи – изјави за медиумите Андреа Димаџо, сопственик на кафуле на плажата Торета во местото Фано.

Тој е првиот кој ги видел двајцата Хрвати како излегуваат од морето на плажата.

Хрватските рибари раскажале дека ги разбудил силен удар. Трупот на бродот бил пробиен, а водата влегувала внатре. Кога сфатиле дека состојбата е лоша и дека нивниот брод ќе заврши на дното од морето, скокнале во водата и започнале да пливаат. Држејќи се за пловка, по три часа успеале да стигнат до брегот.

 Им дадов на двајцата да се напијат нешто топло, а тие веднаш ми побараа цигари – додал Димаџо.

Италијански портал пишува дека 27-годишникот и неговиот две години постар колега набрзо по доаѓањето на плажата ги прегледале лекари од Итната помош, но констатирале дека не се повредени.

Италијанските медиуми јавуваат дека за точните околности на овој инцидент ќе биде отворена истрага, а подрачјето на кое потонал бродот го обезбедила италијанската крајбрежна стража.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.