Албанија е европската база за наркотици и пари стекнати со трговијата со дрога владеат со таа земја, оценува германскиот дневен весник Билд.

Билд се повикува на аудиоснимки на кои мафијата врбува гласачи да гласаат за партијата на албанскиот премиер Еди Рама.

Укажувајќи дека Германија го поддржува почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Албанија и го потврдува големиот напредок во демократизацијата, весникот наведува дека реалната состојба е дека земјата лизга во сѐ подлабок хаос и дека се наоѓа на крстопат меѓу демократските односи или конечно претворање во мафијашка држава.

Албанија, се наоѓа во длабока криза по повеќенеделните масовни протести, корупција во раководството на полицијата, заминувањето на полицајци и обвинители од земјата.

Една од причините за големите протести во Албанија е тоа што владата масовно купувала гласови, и тоа со помош од наркомафијата, која владее со земјата, пишува германскиот весник.

Високотиражниот весник истакнува дека од доаѓањето на Рама на власт одгледувањето марихуана е проширено на целата земја, и дека, покрај шверцот на наркотици, претставува најважна стопанска гранка на Албанија.

Билд објави дека поседува аудиоснимки од телефонски разговори кои докажуваат дека пред парламентарните избори во 2017 година познат наркобос купувал гласови за владејачката Социјалистичка партија.

Аудиоснимките се дел од истрагата која ја отворила албанската полиција во „Случајот 339/1“ и не се достапни за јавноста, а делови не смееле ни да се најдат во пишани документи, наведува Билд кој објави шест снимки.

Весникот наведува дека службениците кои работеле на овој или слични случаи не смеат да зборуваат или избегале во странство и дека целиот случај се обидува да се прикрие.

Булд пишува дека станува збор за наркобосот Астрит Авдулај, кој е шеф на банда од најмалку 44 членови, кои ја организираат меѓународната трговија со наркотици во регионот околу Драч.

За залагањето за политичката кампања на партијата на Рама, Авдулај бил пуштен на слобода, наводно поради тоа што има депресија и не смее да биде притворен.

На снимките се слуша како мафијашкиот бос во разговор со градоначалникот на Драч договара кој од Социјалистичката партија ќе влезе во Собранието, како и за кого се купуваат гласовите.

Меѓу другото, тој му се јавил и на директорот на локалниот водовод барајќи од него да се погрижи неговите вработени да гласаат за Социјалистичката партија и одреден кандидат.

Билд тврди и дека Рама има тесни врски со наркомафијата и дека западните полициски сили и албанската опозиција му префрлаат дека со парите од дрогата купува гласови. Тоа наводно го докажува и еден телефонски повик на Рама до шефот на регионалната изборна комисија за време на кој го прашал дали изборите минале според договореното.

Рама, нормално, ги негира обвинувањата и себеси се гледа како жртва на „местенка“, но, како што констатира Билд, снимките кои ги направила токму албанската полиција никој не може да ги отстрани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.