Српскиот епидемиолог Предраг Кон изјави дека Кризниот штаб на Владата на Србија за борба против епидемијата на коронавирусот донесе одлука од понеделник да дозволи да се одржуваат културни настани со присуство на публика.
На прес-конференцијата на Кризниот штаб во Србија, Кон рече дека одлуката се однесува на кино и театарските претстави, евентуално и на концерти, со сите ограничувања и почитување на мерките што се пропишани.
Тој додаде дека одлуката се однесува само на културните институции и дека за сите други настани или институции, забраната за собирање повеќе од десет лица останува во сила.
Присуство на публиката е дозволено, но не смее да има повеќе од 500 луѓе. Самите организатори мора да се придржуваат кон сите мерки, а најосновниот услов е тие да мораат да носат маски и да почитуваат физичко растојание од 1,5 метри, или едно празно место меѓу луѓето – рече Кон.
Тој додаде дека посетите во геронтолошките центри се дозволени поради поповолната епидемиолошка состојба, со препорака тие посети да бидат на отворено.
Според него, епидемиолошката состојба постепено се подобрува, но опасноста е сè уште присутна и „доколку нема дисциплина, тоа јасно ќе влијае на бројот на прегледи и на хоспитализирани“. Кон исто така рече дека Институтот „Батут“ формирал специјален тим за следење на состојбите во училиштата по почетокот на учебната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.