Грција дополнително ги зајакнува мерките за заштита од корона вирусот на граничните премини Евзони и Какавиа, кои ќе работат од 7 до 19 часот, наместо до 23 часот, а дневно ќе биде дозволено да поминат најмногу 400 лица.
Мерките, попладнево ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој рече дека „за да избегне дополнително ширење на вирусот од копнените влезни точки рестрикциите се воведуваат од понеделник 1 март во 6 часот наутро до понеделник 15 март во 6 часот наутро“.
На граничните премини, на сите задолжително ќе им се прави брз корона тест, вклучително и на возачите на камионите, а при позитивен резултат нема да биде дозволен влез. За сите останува обврската за потврда за негативен ПЦР тест, но и задолжителен домашен карантин од 14, наместо седум дена како што беше досега.
Паралелно, Хардаљас, соопшти дека строгиот карантин во областа Атика, поширокиот регион на Атина се продолжува за една седмица, односно наместо до 28 февруари ќе трае до 8 март.
Од 11 февруари во грчката престолнина се воведени строги рестрикции и продолжен полициски час за викендите, што почнува од 18 часот, наместо од 21 часот како што е од понеделник до петок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.