Неколку илјади Срби од северот на Косово се собраа во центарот на Митровица, бидејќи Приштина насилно ги пререгистрира возилата со регистарски таблички на РКС, поради што сите Срби ги напуштија косовските институции, пренесуваат медиумите во регионот.

Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, истакна дека Србите денеска се собрале да испратат порака дека има доволно угнетување. „Вчера ги поднесовме нашите оставки, но сега сакам јавно да ви ги вратам мандатите, вие не избравте нас, а не Приштина. Се собравме да испратиме порака дека има доволно угнетување на Србите на Косово“, нагласи Ракиќ.

Пред насобраните се обрати и командантот на северниот регион на косовската полиција Ненад Ѓуриќ. „Мој славен и напатен народе, денес да застанам пред вас не само што е голема чест, туку и привилегија што се одразува во делата на нашите предци и во очите на нашите деца“, кажа Ѓуриќ. Како што рече, „спиевме и сонувавме многу години верувајќи во сон што некој друг ќе ни го создаде“. „Наеднаш се разбудивме. Се разбудивме од лажен сон“, изјави Ѓуриќ.

Пред насобраните се обрати и потпретседателот на Српската листа, Игор Симиќ кој ги повика сите високо да ги кренат српските знамиња. „Ова е наше, тоа е, беше и ќе биде. За почитување на меѓународното јавно право, Бриселскиот договор, мирот и стабилноста. Не сакаме да нè споредуваат со косовските институции за насилство врз српскиот народ“, рече Симиќ. Инаку, ден откако сите Срби ги напуштија институциите на Приштина, ситуацијата на северот на Косово е мирна, но и тензична, јавуваат медиумите во соседството.

Градоначалникот на Северна Митровица, Милан Радојевиќ, на претпладневната средба рече дека постапките на Приштина доведоа до пропаѓање на Бриселскиот договор и дека „состојбата се влошува од ден на ден, почнувајќи од септември минатата година, со еднострани одлуки“, и дека така продолжува од месец во месец. „Народот се засити и побара од нас да преземеме одговорност“, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.