Директорот за развој на „Гео Вакс“ (Geo Vax) вакцината во САД, Арбан Доми, правејќи споредба на бројките за дневна инциденца на заразени со Ковид-19 во неколку земји во светот и регионот, оценува дека моментно Албанија е на шестото место во светот.
Во однос на дневната инциденца, Албанија е шеста во светот и е единствена во регионот со овие бројки. Првите земји почнуваат со 47 проценти, додека Албанија е со 23, Србија има 16, додека Словенија има само три проценти – изјави Доми за „Ора њуз“ телевизија преку скајп врска.
Тој додава дека оние земји кои имаат направено помалку тестови имаат најголема дневна инциденца, наведувајќи дека во Албанија се тестирани 14,2 отсто од популацијата, но другите земји во регионот се со над 40 отсто и имаат појасна „корелација помеѓу тестовите и реалната инциденца“.
Тоа значи дека Албанија во моментов, според мене, мора да прави трипати повеќе тестови дневно. Дневно во просек се прават по 4.000 тестови, а мора да се направат најмалку 12.000 тестови. Половина од нив треба да се направат во Тирана и илјадници други во области каде што исто така има голема концентрација на население – посочува тој.
Доми се задржува и на прашањето околу официјалната бројка на починати од Ковид-19 (1.617 лица заклучно со вчера), за која дел од експертите и опозицијата сметаат дека не е реална и е неколкупати повисока.
Шпекулациите за бројот на смртни случаи ќе продолжат сè додека нема транспарентност. Потребна е посебна анализа, а шпекулациите не треба да имаат политичка позадина – смета Доми.
Во Албанија до сега се направени 428.654 тестови, вирусот е дијагностициран кај 96.838, оздравеле 60.675, активни на болеста се 34.546 додека починале 1.617 лица. Вчера беа регистрирани нови 1.112 случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.