Сучурај на Хвар веќе има своја докторка, младата Македонка која се јави на конкурсот кој беше распишан во текот на летото и на кој досега никој не се јавуваше, без оглед што покрај платата и стан се нудеше и годишен бонус од 50 илјади куни, рече директорот на Здравствениот дом на Сплитко-далматинската жупанија, Драгомир Петриќ. 

Како што истакнува Петриќ за хрватските медиуми, локалната самоуправа сфатила дека на лекарот кој би работел не му е доволно само да има сместување, па началникот на општината понудил и дополнителен надомест што очигледно вроди со плод. Новата докторка дел од стажот има одработено во Македонија, а во Хрватска требала да полага шест дополнителни испити кои ги положила, што е задолжително за да и се признае странската диплома.

-Ова е прв пат во историјата на нашиот жупаниски здравствен дом да дојде да работи некој што не е од Хрватска. Колешката ги исполни сите услови од конкурсот, ги положи сите испити, ги доби сите потребни документи, од МУП неколкукратните согласности и денеска е нејзиниот прв работен ден. Конечно во Сучурје пациентите повторно имаат свој постојан лекар, рече директорот Петриќ.

Докторката ќе се грижи за 300 пациенти, а до денеска тројца доктори од Јелса секојдневно патуваа и се менуваа во амбулантата во Сучурија.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.