Српскиот член на претседателството на БиХ, Милорад Додик за шпанскиот весник „Ел Мундо“ изјави дека БиХ „е неуспешен проект“ и дека најдобро решение за земјата е „Бошњаците, Србите и Хрватите да се разделат на цивилизиран начин“.

БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не преживеа и Југославија. Во БиХ има три народи. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат единствена држава во која ќе бидат доминантни.

 

Нашата политика не е насочена кон одвојување. Станува збор за друга можност, врз основа на оценката дека БиХ нема да биде успешна како држава. Ако тоа се случи, најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин – истакна Додик.

Тој потенцира дека Србите нема да „почнат војна за отцепување“, но повтори дека одвојувањето е најдобро „доколку не може да се живее заедно“.

Додик посочи дека Србите „го штитат политичкиот процес“ за да ја постигнат таа цел и дека теориите за можна војна се „бесмислени“. Тој, исто така, нагласи дека БиХ постои како држава само поради притисокот од меѓународната заедница.

Ова е експеримент на странци. Првата работа што ја предлагам е странците да престанат да ја поддржуваат оваа земја, бидејќи тоа е единствената колонија што моментално постои во Европа. Ајде да најдеме консензус, ако е можно – изјави Додик.

Додик, исто така, порача дека европскиот висок претставник Кристијан Шмит нема право да воведува закони во БиХ.

На изборите пред три години освоив најмногу гласови, многу повеќе од двајца мои колеги во претседателството заедно. А, сега овој Германец доаѓа и вели дека иднината на БиХ нема да постои со Додик. Кој мисли дека тој е?.

 

БиХ е неуспешен проект. БиХ се соочува со тешка криза. Оваа криза не се појави сега, таа отсекогаш била таму. БиХ е синоним за криза –заклучи Додик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.