Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, денеска го повика Парламентот на Република Српска да донесе одлука да ја повлече согласноста за законите за воспоставување одбрана и безбедност на државно ниво, правосудните органи и системот на индиректно оданочување и во текот на шест месеци тие овластувања да ги пренесе на ентитетот.

На барање на Додик и шесте партии собрани околу неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), кои го сочинуваат владејачкото мнозинство во Република Српска, во Бања Лука беше свикана специјална седница на Националното собрание посветена на ова прашање.

Речиси еден час Додик ја елаборираше тезата дека бројни закони, како што се оние за одбраната, Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА), Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), за наплата и распределба на даноци и царини и правда, беа донесени во периодот од 2003 до 2005 година, всушност противуставни и штетни за интересите на РС, па тие треба да бидат прогласени за неважечки во тој ентитет.

Тој предложи да се постави рок од шест месеци во кој владата на Република Српска ќе има задача да подготви закони за замена на укинатите државни институции.

„БиХ ќе се распадне, а РС ќе се движи кон излезот“

– Ако сме дале согласност, имаме право да ја повлечеме, рече Додик, додавајќи дека БиХ е во постојана криза којашто никогаш не престанала, така што тоа треба да се реши со враќање на првобитниот Дејтонски договор.

Додик е особено загрижен за вооружените сили на БиХ и тврди дека нема потреба од нив бидејќи, како што тврди, би се распаднале како ЈНА во случај на конфликт. Како алтернатива, тој понуди намалување на сегашниот состав на вооружените сили или демилитаризација, а доколку тоа не биде случај, предложи повторно формирање на армијата на РС.

Законот за одбрана на БиХ, како и сите други оспорени од Додик, беше усвоен од парламентот на БиХ, но лидерот на босанските Срби не гледа проблем во тоа РС еднострано да ги отфрли и да ги донесе своите законски решенија.

Според Додик, државниот парламент има само административно-технички, а не законодавни овластувања и целосно зависи од тоа што ќе одлучат и заклучат парламентите на РС и на Федерацијата БиХ. Сепак, бидејќи претходните договори за трансфер на овластувања на државно ниво не станаа компоненти на уставот, тие, според Додик, можат да бидат поништени во секое време по волја на субјектите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.