Она што со сигурност се знае е дека не се знае кога ќе пристигнат првите вакцини во Македонија.
Настанот кој беше најавен за четврток на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, стои во кусото соопштение од владата испратено доцна синоќа откако прво информира српската страна.
Веста која требаше да биде вест на денот се претвори во дебакл на векот. По којзнае кој пат Владата на Македонија не успеа да обезбеди вакцина за граѓанте иако вакцинацијата е во тек во многу земји.
Одложувањето е поради „потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините“, но граѓаните прашуваат кое е нивото на аматеризам ако владата навистина дознала за техничкиот пропуст непосредно пред поаѓањето на контингентот?
Речиси во исто време кога беше одложено предавањето на српските вакцини за Македонија, авион на „Ер Србија“ на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград го донесе „новогодишниот подарок на кинескиот народ за српскиот“.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ и кинеската амбасадорка Чен Бо доцна синоќа пречекаа пратка од половина милион кинески вакцини.
Амбасадорката Чен ја пофали организацијата и успехот на вакцинацијата во Србија. Таа констатира дека за една година трети пат стои со премирката на Србија на аеродромот – првиот пат дочекале медицинска опрема од Кина, вториот пат ги испратиле кинеските стручњаци од Србија, а третиот пречекуваат половина милион вакцини.
Нагласувајќи дека тука не станува збор за договори и за пари, туку за партнерство и пријателство со Кина, Брнабиќ се заблагодари што успеале и ќе успеат да спасат илјадници животи со кинеските вакцини.
Во средината на минатиот месец во Србија беше испорачан првиот контингент од еден милион дози вакцини од производителот „Синофарм“, со што северниот сосед стигна до 1,5 милион вакцини само од Кина.
Ден претходно стигнаа 50.000 руски вакцини „Спутник Ве“ за прва доза, а претседателот Александар Вучиќ најави уште толку за втора доза за во наредните 15 дена.
До 20 февруари Србија очекува меѓу 125.000 и 150.000 дози од вакцината на „Астра-Зенека“, за што е потпишан договор, а до крајот на месецов ќе добие уште 88.000 дози од вакцината на „Фајзер-Бионтек“.
Изобилството на вакцини за Ковид-19 од различни светски производители ѝ овозможи на Србија да биде втора во Европа и седма во светот по бројот на вакцинации, се пофали претседателката на српската Влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.