Како што јави дописничката на МИА од Атина, досегашните правила за влез во Грција, кои важат и за државјаните на Македонија, а се однесуваат на документ и пополнет формулар, продолжени се до 27 август 2021 година.
Македонија и понатаму е на листата трети земји за кои не важи забраната за влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини, а за патување кај јужниот сосед потребен е сертификат за имунизација или негативен тест, заедно со пополнет формулар.
Како и досега, сите посетители имаат четири опции во однос на документите што треба да ги приложат.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено имунизацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за имунизација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на примена доза и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората опција е со негативен тест направен во последните 72 часа пред патувањето или брз тест направен 48 часа претходно. Третата опција се однесува на оние кои прележале во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана по лабораториско тестирање.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 до 5.000 евра.
Од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.
Во одлуката посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат и за Грците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.