Директорот на Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ) Шпенд Маџуни му поднесе денеска оставка на вршителот на должност премиер на Косово, Рамуш Харадинај, од функцијата која ја вршеше од април 2018 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста ја објави Харадинај преку својата страница на Фејсбук, информирајќи дека ја прифатил оставката и воедно го одликувал Маџуни со Орденот Скендербег, за, како што наведе, неговиот придонес во извршувањето на државните и институционалните обврски.

Ја прифатив оставката на директорот на АКИ, г. Шпенд Маџуни од неговата функција на чело на косовското разузнавање. На г. Маџуни му се заблагодарив за досегашната професионална соработка во заштита на безбедноста на нашата држава и народ. За неговиот придонес во извршувањето на државните и институционалните обврски го одликував г. Маџуни со Орденот Скендербег за професионалноста и посветеноста во служба на државата, напиша премиерот во оставка.

Според Харадинај, „во текот на овој мандат Владата на Косово постојано се залагаше за јакнење на редот и законот и на безбедносните институции во земјата“, при што „улогата на Маџуни е посебно значајна, така што денес АКИ е една од најпрофесионалните и најкредибилни институции во земјата и пошироко“.

Засега нема информации за причините за оставката, но извесно е дека Маџуни се повлекува поради промената на власта која се очекува да настапи наскоро, откако на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври победија партиите кои досега беа во опозиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.