Девет земји-членки на ЕУ со заедничко писмо го повикаа високиот претставник за недворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, Западен Балкан итно да се врати на агендата на Унијата и да биде тема на состанокот на Советот за надворешни работи во април.

Предлагаме на еден од следните состаноци на Советот за надворешни работи на дневен ред да биде стратешка дискусија за регионот. Веруваме дека е крајно време да погледнеме стратешки на Западен Балкан – побараа министрите за надворешни работи на Германија, Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија во заедничкото писмо што го објавува Еурактив.

Во писмото, датирано на 5 март, тие тврдат дека ситуацијата многу се сменила од последната дискусија за проширувањето во август 2019 година, а особено дека „имало динамични внатрешни политички случувања во земјите од регионот“.

Многу работи се сменија од нашата последна дискусија во август 2019. Имаше динамичен политички развој во земјите од овој регион. Дополнително, пандемијата ги влоши постоечките трендови вклучувајќи ги и геополитичките импликации. Други актери се подготвени да настапат во регионот, честопати на наша сметка. Додека ЕУ мобилизираше голема поддршка за регионот, други актери беа поефикасни во презентирањето на нивната поддршка поткопувајќи ја довербата во нас, кредибилитетот и перцепцијата на нашата солидарност – се вели во писмото.

Деветте земи од ЕУ во заедничкото писмо, истакнуваат дека ЕУ треба да разговара за тоа како да се одговори на  случувања во регионот и на зголемената активност на трети страни.

Нашата политичка дискусија за Западен Балкан се чини дека е веќе задоцнета и затоа треба да биде дел од состанокот на Советот за надворешни работи во април – се нагласува во писмото на шефовите на дипломатиите на Германија, Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.