Од 2.000 направени тестови за Ковид-19 на мигрантите, бегалците и вработените во бегалскиот камп Мориа на грчкиот остров Лезбос, потврдени се 35 позитивни лица.
Од Министерството за миграција и азил на Грција, соопштија дека e завршен процесот на тестирање во кој биле земени примероци од 1.900 мигранти и бегалци, меѓу кои и 35-те позитивни случаи и 100 од вработените.
Заразените биле пренесени во специјално одреден простор за изолација, а освен едно лице кое има симптоми, останатите 34 се асимптоматски.
Бегалскиот камп Мориа од минатата среда е во 14 дневен карантин, откако беше потврден првиот случај на Ковид-19 кај бегалец од Сомалија.
Во Грција, освен случаите во бегалскиот камп, во изминатите 24 часа се регистрирани вкупно 169 нови случаи, од кои 15 по направените тестови на влезните точки во земјата, а почина уште едно лице.
Од почетокот на епидемијата, заразени се 11.832 лица и регистрирани 290 смртни случаи од Ковид-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.