Најмалку девет лица загинаа, а 325 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтеровата скала, кој утрово ја погоди Албанија.
Земјотресот предизвика голема материјална штета, но и паника меѓу жителите на Тирана. Според извештаи на албанските медиуми во земјотресот загинале девет лица, додека според ТиранаПост животот го загубиле најмалку седум лица, меѓу кои и едно десетгодишно девојче, кое останало затрупано под урнатините.
Епицентар на потресот е лоциран меѓу Драч и Тирана, на длабочина од десетина километри. По силниот земјотрес, следуваа уште неколку потреси, од кои последниот, со интензитет од 5,4 степени беше евидентиран во 7.10 часот.
Во тек се спасувачки операции, во обид да се извлечат затрупаните од под урнатините. Покрај другите структури во справување со ситуацијата вклучени се и над илјада припадници на полицијата, како и пожарникарските служби и војската.
Ова е втор земјотрес кој ја погодува Албанија за нешто повеќе од два месеци. Земјотрес со јачина од 5,6 степени го затресе тлото во таа земја на 21 септември, кој беше оценет како најсилен во последните 30 години. Фотографиите од урнати или полусрушени згради сугерираат дека денешниот земјотрес е посилен од оној во 1979 година, што го погоди северниот град Скадар, на границата со Црна Гора. Ниту еден од тие два претходни земјотреси не предизвика жртви.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.