Ако за да дојдеш во Грција си во ситуација да треба да направиш 15 различни работи, 20 тестови и 15 документи, нема никогаш да дојдеш, вели министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендијас говорејќи за туризмот, во интервјуто за радиото „ЕРА“ на грчкиот јавен сервис, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендијас додава дека намерата на Грција е да прими посетители од земји со кои има слични епидемиолошки карактеристики, а напорите се за овие туристи да се обезбеди простор за слобода на движење „без потврди, без тестови, без малтретирања“.
Како пример за земји со слични епидемиолошки карактеристики со Грција, ги споменува Германија и балканските држави.
Во однос на вчерашниот состанок по иницијатива на шефовите на македонската и грчката дипломатија со министри за надворешни работи од Балканот, Дендијас вели дека главната тема бил туризмот односно „да можеме меѓусебно да се посетуваме“
Имавме дискусија со сите министри од Балканот, обидувајќи да се договориме околу протоколите и процедурите што ќе дозволат да ја посетат земјата, сите оние кои што сакаат да дојдат, вели Дендијас.
Тој додаде дека се исклучително блиску до договор за заеднички услови, „како со земјите од поширокиот регион на Балканот, така и со повеќето земји од Европската унија“
Во интервјуто за грчкото радио, министерот за надворешни работи на Грција истакна дека во однос на туризмот, приоритетот на Владата, пред сè е заштита на здравјето и на грчките граѓани и на туристите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.