Каква е состојбата со корона-вирусот во соседството, пред се во Грција и Албанија каде голем број на македонски граѓани патуваат на годишен одмор.

Во регионот на јужниот албански град Ѓирокастро се регистрани првите два случаи сомнителни дека се заразени со Делта сојот. Извори за Ора њуз информирале дека едниот е студент од село во близина на градот, кој дошол од странство и покажал компликации и симптоми слични на индискиот тип на корона вирусот.

Вториот случај е лице на 45-годишна возраст од Пермет, кое исто така пристигнало од странство. И двајцата се лекуваат во домашни услови и засега нивната здравствена состојба е стабилна, наведува телевизијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, втор ден по ред, во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 1.820 новозаразени, од кои повторно најголемиот дел се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, додека пак починаа девет лица.

Заразниот делта сој во Грција особено се шири кај младите, кои ги користат топлите денови неконтролирано да се собираат и да уживаат на плажите.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, 1.061 случај е во Атика, 172 се на Крит, 51 во Солун, 50 во Јанина, 18 во Коринт, 14 на островот Миконос (кој веќе е во третата портокалова зона), 12 на Крф, пет на Халкидики итн. Од новите случаи 21 е „увезен“, од кои шест биле откриени на влезните точки во земјата.

Весникот „Катимерини“ објави дека во фокусот на грчката Влада се 82 општини во кои процентот на имунизациска покриеност е под 30 отсто, а се планира ангажирање на локалните власти, наставници, лекари, свештени лица и слично за поттикнување на населението да се вакцинира.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.