Тоа што Македонија не го екстрадира на Србија поранешниот припадник на ОВК, Томор Морина претставува политичка одлука, смета шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.

Ако некој се наоѓа на потерница на Интерпол, тогаш што има да се размислува дали да го екстрадира или не. Тука очевидно во прашање се политички причини – истакна Дачиќ.

Тој потсетува дека така и Франција го пуштила Рамуш Харадинај и претставува проблем што Харадинај, но и други припадници на ОВК, нема да одговараат за воени злосторства пред судовите во Косово и пред Меѓународниот суд на правдата.

Тие никогаш нема да одговараат. Тоа е аболиција за терористи, луѓе кои вршеле воени злосторства и тоа е неприфатливо. Морина и останатите никогаш нема да одговараат, нагласи министерот за надворешни работи на Србија, додавајќи дека „западните земји бараат Косово да стане членка на Интерпол, а тие не ја почитуваат таа организација“.

За потсетување, официјален Белград реагираше на одлуката на Врховниот суд на Република Македонија.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ денеска изјави дека Македонија со одлуката дека нема услови за екстрадиција на Томор Морина на Србија ја поткопала суштината на меѓународното право, додека српската министерка за правда, Нела Кубуровиќ, порача дека со одлуката на Врховниот суд се покажало дека политиката е над правдата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.