Србија засега ќе биде воздржана и ќе чека на реакција на меѓународната заедница на најавата на Приштина дека ќе ја продолжи кампањата за аплицирање за членство во меѓународни организации, изјави министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

-Ако нема таква реакција, ако се види дека Приштина аплицира во меѓународните организации, ние ќе продолжиме со нашата акција на повлекувања на признавањето и во тоа ќе бидеме уште поуспешни, изјави Дачиќ за ТВ Прва.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ истакна дека дијалогот мора да продолжи, затоа што нема друго решение, но и дека дијалогот е заснован на голема доза на недоверба.

-Прашање е дали дијалогот има смисла ако Приштина се однесува вака, кажа Дачиќ и изјави дека Србија не верува во институциите на ЕУ и намерите на одредени земји да бидат непристрасни, наведувајќи дека не го мисли тоа и за претставниците на ЕУ Жосеп Борел и Мирослав Лајчак.

-Не сум слушнал некој да ја има осудено изјавата на Авдулах Хоти, кажа Дачиќ.

Тој потсети дека специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалогот, Ричард Гренел, објавил дека добил уверувања од Белград и Приштина за договор за меѓусебен мораториум.

-Во договор со претседателот Александар Вучиќ, двајцата заклучивме дека не и веруваме на Приштина и дека тоа ќе се случи. Прво – Приштина лаже, второ – никој не реагира на тоа и трето – треба да мислиме за тоа што ќе правиме, нагласи Дачиќ.

Дијалогот беше во фаза на клиничка смрт и на реанимација речиси две години. Ние го реанимиравме дијалогот и сега имаме ситуација да се враќаме чекор назад, изјави Дачиќ, оценувајќи дека „тоа нема да го загрози дијалогот од наша страна“.

-Едвај чекам претседателот да каже да одиме натаму, во кампања за повлекување на признавањето. Тие не се свесни. Тие живеат на чардакот, ни на небо, ни на земја. Тоа нема да го реши прашањето за политичко решение на Косово, туку ќе дефинира нови позиции, оцени Дачиќ.

Тој тврди дека Косово не може да биде дел од УНЕСКО, додека е оваа власт во Србија и неговата соработка со Вучиќ, ниту во Интерпол и во ОН, затоа што Приштина веќе го нема потребното мнозинство од 97 држави во ОН.

Во врска со формирањето на новата српска Влада, тој кажа дека не знае дали ќе остане на оваа позиција и дека за тоа се уште нема разговарано со Вучиќ.

-Глупаво ми е самиот да ја оценувам својата работа, но мислам дека ова време ќе биде запаметено по тоа што 18 држави го повлекоа признавањето на независноста на Косово, оцени Дачиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.