Специјалниот државен обвинител на Црна Гора, Саша Чаѓеновиќ, кој во петокот беше уапсен поради сомнение за кривично дело создавање злосторничка организација и четири кривични дела злоупотреба на службената положба, останува во притвор што му е одреден поради опасност од бегство и ризик од можно влијание врз сведоците.

Вонсудскиот совет на Вишиот суд во Подгорица ја отфрли како неоснована жалбата на одбраната на Саша Чаѓеновиќ против наредбата за притвор“, изјави за „Гласот на Америка“ портпаролката на Судот, Аида Мужуровиќ.

Чаѓеновиќ е уапсен по наредба на Специјалното државно обвинителство кое го сомничи дека од втората половина на 2020 до 2022 година бил член на криминалната организација „Кавачки клан“.

Во соопштението на Специјалното обвинителство се наведува дека се сомневаат оти Чаѓеновиќ имал задача „да не презема кривично гонење, да не поведува кривична постапка против организаторите и членовите на криминалната организација, како и да спречи да бидат откриени како сторители на најтешките кривични дела“.

Тој имал задача да не предлага притвор за членовите на организацијата кога ќе бидат исполнети законските услови, што тој и го направил во повеќе кривични предмети односно постапки“, се вели во соопштението на Специјалното обвинителство.

Во пресметките на двете которски криминални групи – Кавачкиот и Шкаљарскиот клан кои се во конфликт од 2014 година кога во Валенсија исчезна неколку стотини килограми кокаин, загинаа повеќе од 50 лица, а во досегашната истрага уапсени се неколку припадници на безбедносните служби и полицајци за кои постои сомневање дека припаѓале на еден од тие два клана.

На рочиштето во Специјалното обвинителство Чаѓеновиќ негираше вина за делата за кои е обвинет.

Обвинителот Чаѓеновиќ во јавноста е познат како застапник на тужбата во судскиот процес наречен „државен удар“, што се водеше од 2017 до 2019 година во Вишиот суд во Подгорица против група од тринаесет обвинети, меѓу кои беа лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, како и двајца руски државјани.

Вишиот суд во 2019 година ги осуди обвинетите во случајот „Пуч“ на вкупно 70 години затвор, за потоа Апелацискиот суд да ја укине пресудата, а судењето да биде вратено на почеток. Тужбата во повторената постапка ја застапуваше и Чаѓеновиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.