Црногорскиот вицепремиер, Дритан Абазовиќ, побара помош од Европската Унија (ЕУ) за отплата на кредитот што Црна Гора го зеде од кинеска банка за изградба на првиот дел од автопатот Бар – Болјари.

Пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Абазовиќ  изјави дека долгот кон Кина е голем проблем.

Ве молиме, помогнете ни да ги вратиме тие пари, да го размениме тој заем за заем со европска банка, да склучиме соработка со европска финансиска институција и да ставиме крај на кинеското влијание – нагласи Абазовиќ.

Првата делница од автопатот во Црна Гора, што треба да поминува од Јадранско Море (Бар) до границата со Србија (Болjаре), требаше да биде завршена во мај во 2019 година, но поради пробиениот рок, беше потпишан анекс на договорот за новиот рок – 30 септември 2020 година. Сепак, ниту тој рок не беше испочитуван.

Според црногорската Влада, новото пробивање на рокот за завршување на изградбата на првата делница од автопатот во Црна Гора од Подгорица до Колашин бара потпишување на нов анекс на договорот меѓу Владата на Црна Гора и кинеската компанија ЦРБЦ (China Road and Bridge Corporation).

Договорената цена првично беше 809 милиони долари, а потоа беше зголемена за уште 90 милиони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.