Донеодамнешниот чешки министер за надворешни работи Јакуб Кулханек изјави денеска дека во плановите на претседавањето на Чешка со ЕУ, кое новата влада на премиерот Петер Фијале го презеде од претходната, како еден од главните настани останува самитот ЕУ-Западен Балкан и обидот Србија да добие датум за влез во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

-Една од кулминациите на претседавањето во втората половина на следната година може да биде самитот на европските лидери со земјите од Западен Балкан. Блокирањето на европските аспирации на земјите од Западен Балкан е особено кусогледо во ситуација кога сите во Европа велат дека не можеме да си дозволиме луксуз Европа да има геополитички вакуум, црна дупка на Балканот што може да ја пополнат други актери, изјави Кулханек за чешката новинска агенција ЧТК.

Кулханек се заложи да Франција кога следната година во првата половина на годината ќе претседава со ЕУ, да организира меѓувладини конференции, кои ќе помогнат да се деблокираат пристапните преговори, особено со Македонија и Албанија.

-Понатамошна цел, иако амбициозна, би била да се објави датумот на влез, на пр. на Србија во Унијата, изјави поранешниот шеф на чешката дипломатија и го пофали фактот што новата влада поради претседавањето со ЕУ назначила министер за европски прашања, кое досега во Чешка беше на ниво на државен секретар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.