До 65 проценти од хотелите во Грција се соочуваат со банкрот заради пандемијата со коронавирусот.
Се предвидува дека земјата ќе изгуби милиони евра во туризмот бидејќи одморалиштата во Грција и нејзините острови се празни, затоа што се затворени границите за посетители, објави британскиот весник „Сан“.
Повеќето хотели се принудени да бидат затворени заради новите регулативи донесени од грчката влада.
Анкетата спроведена од грчката хотелска комора покажа дека 65 проценти од хотелиерите рекле дека најверојатно ќе банкротираат, додека 18,3 проценти изјавиле дека банкротот е најверојатен.
Според извештаите на локалните медиуми, загубите во хотелскиот сектор се проценуваат на 4,46 милијарди евра.
Иако постои надеж дека туристичката индустрија би можела да продолжи со работа од јули, многу компании и тур-оператори веќе се борат со проблемите.
Претседателот на комората Александро Василикос објасни дека туристичкиот пазар ќе се отвори бавно и болно, а и дека многу работи ќе се случат во меѓувреме.
Тој додаде дека сега нема информации дека хотелите ќе започнат со работа по пандемијата бидејќи воопшто немаат побарувачка.
Островите како Кос, Крит и Санторини обично се преполни со туристи за време на Велигден, а сега островите ги прекинаа повеќето од нивните патувања во обид да се справат со вирусот, при што некои немаат ниту еден случај на вирусот ковид-19.
Доколку хотелите се принудени да ги затворат своите врати, ова е лоша вест за туристите, кои во иднина може да се соочат со поскапо патување во Грција.
Кога има помалку сместување, тоа значи дека побарувачката расте за оние места што се отворени, а тоа значи и повисоки цени.
Експертите веќе предупредуваат дека авионските билети можат да бидат двојно поскапи по рестриктивните мерки доколку авиокомпаниите летаат со полупразни авиони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.