Претседателот на Хрватската заедница на здруженија за семејно сместување, Мирко Булиќ, за хрватски „Индекс“ вели дека засега нема нови букирања за одмор во Хрватска.
Засега само се откажуваат резервациите. Откажано е сè за јуни, како и дел од резервациите за јули и август. Засега нема ни намалување на цените, но сметајте дека ќе има, и тоа намалување за 20 до 25 отсто, смета Булиќ.
Тој смета дека покрај стравот од зараза, намалениот број туристи ќе биде резултат и поради намалената куповна моќ.
Претседателката на Заедницата на семеен туризам при Хрватската стопанска комора , Мартина Нимац, исто така, смета дека цените ќе паѓаат.
Но, препораките се да не одиме прениско со снижувањата, за да не ја уништиме сосема сезоната. Ќе се направи процена кој колку ниско смее да оди, ќе бидеме многу претпазливи за да не направиме поголема штета, вели таа.
Според Нимац, намалувањето на цените за смештај ќе зависи од дестинацијата и состојбата на објектот.
На пример, во Сплит имаме распон од високолуксузни објекти во кои сместувањето чини од 200 до 300 евра за ноќ и нискобуџетни каде се плаќа 40 до 50 евра. Претпоставувам дека поскапите ќе поевтинат повеќе, како и приватните апартмани, кои не мораат да се грижат за режија како плаќање на вработените, сметководителите, другите тарифи…, вели Нимац.
Таа е сигурна дека туристите сега ќе посветат многу поголемо внимание во какви објекти ќе се сместуваат и дека ќе се посветува многу повеќе внимание на чистотата. Додава дека засега нема букирање, туку само заинтересираност и прашања од потенцијални туристи, но и дека забележани се резервации, но за лето 2021.
Исто така, смета дека и понудата на апартмани ќе биде посиромашна, бидејќи многу изнајмувачи ќе се откажат од страв.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.