Во Србија цели семејства болни од ковид-19 се хоспитализирани во болниците, а ситуацијата и натаму е алармантна. Директорката на ковид-болницата во Батајница кај Белград, Тања Аџиќ-Вукичевиќ, алармира дека немаат повеќе слободни кревети, но и дека кога се ослободуваат тие се пополнуваат за 15 минути. Таа вели дека имаат хоспитализирано и цели семејства.

Таа информираше дека во изминатиот ден хоспитализирале 80 лица, а за претходните седум дена дури 485 лица. Во моментов имаат повеќе од 800 хоспитализирани ковид-пациенти.

Практично, секој што влегува во болница бара кислород, тоа е најмалку 9-10 литри или 12-15 литри, а ние имаме пациенти на 50-60 литри. Тоа е огромна потрошувачка и оптоварување на целиот систем, вели докторката.

Најмладиот пациент што е хоспитализиран во оваа болница има 22 години, а највозрасниот 91.

Тажни се сликите во болницата. Имаме по тројца-четворица членови од исти семејства кои лежат заедно во иста соба, додава д-р Вукичевиќ.

Таа укажува дека околу 95 проценти од хоспитализираните не се вакцинирани, а останатите пет проценти се вакцинирани со една или две дози, но најчесто вакцинирани во периодот февруари-март и тие требало веќе да ја примат третата доза во септември и октомври, а во меѓувреме се разболеле

Во Србија во моментов има над 124 илјади активни случаи на ковид, а од почетокот на епидемијата починале нешто повеќе од 8 800 ковид-пациенти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.