Време е Владата на Република Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на Република Македонија или правото да го нарекуваат сопствениот јазик како што сакаат, се наведува во денешното соопштение на бугарското Министерството за надворешни работи, кое преттсавува реакција на вечарашната изјава на македонската Влада.
– Република Бугарија е најсилниот и безусловен поддржувач на европската интеграција на Западниот Балкан и во таа смисла и на Република Македонија. Со позицијата изразена во вторниот во рамки на состанокот на Советот за општи работи, Република Бугарија уште еднаш посочи зошто во ова фаза не може да даде согласност за одобрување на Преговарачката рамка за Република Македонија со ЕУ и за одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на 2020 година, се наведува во соопштението.
Бугарското Министертсво наведува дека позиција на Софија целсоно произлегува од рамковната позиција усвоена на 9 октомври 2019 година, поддржана од бугарското Народно собрание, каде се содржани барањата од кои ќе зависи натамошната поддршка на Бугарија за интеграцијата на земјава во ЕУ.
– Предлозите на Бугарија за вклучување на Преговарачката рамка на Република Македонија се засновани на јасни принципи, но за жал не беа ставени на разглдување од актуелното претседателство. Тие се во согласност и со заклучоците на Советот на ЕУ од 25 март 2020 година, во кои се истакнува важното значење на постигнување опипливи резултати и доселедно спроведување на договорите на Република Македонија со Бугарија и со Грција, како дел од процесот на проширување, се истакнува во реакцијата.
Според бугарското Министерство, во оваа фаза Предлог-преговарачката рамка не содржи гаранции, кои ги бара Бугарија за да даде поддршка за нејзино одобрување.
– Бугарија ќе продолжи со конструктивните напори за време на следното претседателство со Советот на ЕУ, се потенцира во соопштението.
Бугарското Министерство во реакцијата изразува жалење, поради како што вели „дипломатска и медиумска кампања“, што наводно ја спроведува земјава, за „дискредитација на позициите на Република Бугарија, при што во јавноста постојано беа презентирани лажни информации во врска со бугарската позиција“.
– Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија. Бугарија беше првата земја во светот што ја призна независноста на Република Македонија, со што започна процесот на меѓународно признавање на тогашната млада држава и со текот на годините и даваше помош во најтешките моменти. Оваа помош продолжува и денес, се додава во реакцијата.
Сепак, според бугарското Министерство, Бугарија „не прифаќа афирмацијата на идентитетот на граѓаните на Република Македонија да се изврши во конфронтација со соседните земји и на штета на нивните национални интереси“.
– Врз основа на нејзината одговорност да не носи отворени прашања во ЕУ и да ги штити нејзините интереси, вредности и авторитет, Република Бугарија ќе продолжи да бара трајни решенија што ќе овозможат понатамошен развој на билатералните односи и оптимален процес на преговори на Република Македонија со ЕУ, се истакнува во реакцијата на бугарското МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.