Електронското издание на софиски „Дневник“ денеска објави фотогалерија во која во центарот на вниманието се најдоа бугарско-македонските односи. Од десет фотографии, четири се посветени на состојбата во која се наоѓаат официјална Софија и официјално Скопје, а насловот е мошне индикативен и вели „Две држави без иднина спорат за минатото“.

Нормално, како главни ликови се појавуваат поранешниот бугарски премиер Иван Костов во чие време беше потпишана Спогодбата за односите меѓу двете држави, но и двајцата „браќа“, Бојко Борисов и Зоран Заев, кои го потпишаа Договорот за добрососедство, соработка и пријателство, чие толкување и не почитување, односно не спроведување, во зависност од која страна доаѓаат обвинувањата, доведоа до влошување на меѓусебните релации и вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

 

Две држави „без иднина“ спорат за минатото со напомена дека ова, според Франс прес, се однесува за Бугарија, е текстот на редакцијата, што го илустрира почетокот на фотогалеријата со фотографија на Иван Костов.

На втората фотографија се наоѓаат два женски лика, веројатно познати во Бугарија, кои разговараат меѓу себе. Па, според редакцијата, првиот и вели дека деновиве имаат јубилеј. Така ли, каков, прашува вториот. Па, три години без македонски амбасадор во Софија, возвраќа првиот.

На третата фотографија повторно е Иван Костов. И редакцијата прашува кога Македонија ќе биде подготвена? А, одговорот е кога ќе разбере дека нејзиниот потпис во Договорот со Бугарија е почеток, а не крај на процесот.

Секако, највпечатлива е фотографијата со веќе бившите премиери на Бугарија и Македонија, Борисов и Заев. Откако со полни пелени заминаа од своите функции, едниот поради загубените парламентарни избори, а вториот локални, обајцата зад себе оставија (не)поправливи штети. Во редкацискиот текст, Заев му вели на Борисов-Бојко, си имавме одлични односи, ние ве плукавме, вие си молчевте, а на крајот што се случи, што не си молчите?

Очигледно, односите меѓу двете држави се даваат со нескриена доза на потсмев и обвинувања и на адреса на Бугарија и Борисов и на адреса на Македонија и Заев.

Борисов во последното интервју за „24 часа“ меѓу другото му се понуди за помош и поддршка на новиот бугарски премиер Кирил Петков за надминување на недоразбирањата со Македонија. Но, тој никако не сакаше да ја преземе одговорноста за нарушените релации, иако вината лежи кај него, зашто главните понижувања на Македонците дојдоа од негова уста. Признанието дека го потпишал Договорот и наводната напомена кон Заев дека му кажал дека ќе има две-три теми што ќе треба да се решат-малцинствата, промени на Уставот и разјаснување на историјата-не значат и дека неговото, живковистичко и хегемонистичко однесување и видување на работите значи дека Македонија и Македонците треба да прифатат дека се коминтерновска творба, дека постојат од 1944 година и дека и македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Во својство на премиер Борисов во една прилика изјави дека ако се пропушти оваа можност за некакво историско помирување, идните генерации нема да ни простат. Не, нему ни Господ нема да му прости, зашто дури и да се прифати постоење на некаква заедничка историја, тоа не значи дека таа треба да биде исклучиво бугарска.

Интересно ќе биде да каже дали тоа што тој мислел дека ќе го добие со потпишувањето на Договорот отворено му го соопштил на Заев и тој тоа го прифатил без никакви резерви, па сега нашиот бивш премиер бега од ветеното. Ова за да знаеме и ние на што сме и дали патот, што го трасираше Заев ќе го продолжи и неговиот наследник Димитар Ковачевски, алијас Таче Монтенегро.

-Омразата нема да доведе никого до успех. Господ рекол: Сакај го својот непријател! Омразата те гори одвантре, изјави Борисов во интервјуто за „24 часа“, одговарајќи на друго прашање.

Сега му е попусто нудењето помош и поддршка на Петков. Борисов ќе изгоре одвнатре од омразата кон Македонците.

Извор: Пресинг ТВ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.