За откриената шпионска мрежа, која во Бугарија работела за руски интереси, но и за разузнавачките активности на Русија на Балканот, денеска се произнесе и поранешниот министер за внатрешни работи и своевремено прв контраразузнавач, Цветлин Јовчев. Според него, руската агентура отсекогаш била присутна во Бугарија, уште од времето на комунизмот, кога Софија беше верен сојузник на Москва.
-Бугарија излезе од сферата на влијание на СССР и Варшавскиот пакт и оттогаш односите меѓу двете земји радикално се променија, изјави Јовчев, според кого руската агентура никогаш не ја напуштила Бугарија.
За телевизијата „Нова њуз“ Јовчев коментираше дека откриената шпионска група е далеку од тоа дека ја претставува целата руска разузнавачка мрежа во Бугарија и дека таа треба да се бара на високо ниво, каде што навистина се има пристап до чувствителните информации.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, од гледна точка на воени информации, Русија ќе бара информации во Бугарија за новите американски ловци „Ф-16 Блок 70“, како и за модернизацијата на бугарските воено-воздухопловни сили. Русија ќе биде заинтересирана за нивната технолошка состојба.
Од гледна точка на политичкото разузнавање, експертот смета дека Русија ќе биде заинтересирана и за процесите на Балканот. Тој е категоричен дека Србија паднала во стапицата на Русија на Балканот и изрази искрена надеж дека Македонија нема да падне во неа.
-Русија дефинитивно ќе биде заинтересирана за односите меѓу Грција и Турција на Балканот, оцени тој.
Јовчев изрази изненадување од однесувањето на руската Амбасада во Софија, по повод извештајот на американскиот Стејт департмент за Бугарија.
-Апсурдно е Русија да ја брани Бугарија од САД, што не можам да го разберам, додаде Јовчев.
Тој коментира дека во последните години руските разузнавачки служби дејствувале прилично непрофесионално и како пример ги даде не само шпионската група откриена во Бугарија, туку и случајот Скрипал од 2018 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.