Конституиран е 46-тиот состав на бугарскиот парламент со полагање заклетва на 240 пратеници, но се уште нема потврда за формирање ново мнозинство кое би застанало зад идна политичка влада.
Со седницата претседаваше највозрасната пратеничка Мика Зајкова, која им посака добра работа на пратениците, за остварување на соништата на бугарскиот народ.
Ајде да бидеме конструктивни и да работиме за сонот на оваа нација, за просперитетна Бугарија. Да работиме за нација која има достоинствен живот и е горда членка на Европската Унија – изјави Зајкова.
За можниот развој на политичката состојба во земјата зборуваше Тошко Јорданов, заменик претседател на „Има таков народ“, партијата која освои најмногу гласови на изборите одржани на 11 јули.
Јорданов порача дека следните 14 дена се клучни дали Бугарија ќе добие влада или ќе треба повторно да има избори, додавјќи дека доколку повторно има избори, тоа нема да биде ништо неправилно или недемократско.
Овој парламент, избран од бугарскиот народ, е различен од претходниот. Според нас, тој е поблиску до реалноста за тоа што го сакаат бугарските граѓани. Самиот факт дека овој пат владата е присутна тука, за разлика од претходниот пат, значи дека луѓето кои се тука, не се срамат да стојат пред нас – изјави Јорданов.
Со 137 гласови „за“ , еден против и 99 воздржани, пратениците повторно ја избраа Ива Митева од „Има таков народ“ за претседател на претставничкиот дом, откако таа ја вршеше оваа функција и во краткиот период на претходниот состав на Парламентот.
Претходно владеачката партија во Бугарија, ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, е втора по бројот освоени мандати во народното собрание. Десислава Атанасова вети дека нивната парламентарна група ќе биде силна и компетентна опозиција, која ќе се бори против хаосот и безидејноста.
Таа се пожали и дека вонредните парламентарни избори биле спроведени во услови на јавен притисок врз членови и симпатизери на ГЕРБ од страна на техничка влада на Бугарија.
Во Бугарија, за нова влада треба да се обезбеди поддршка од 120 пратеници. Засега, „Има таков народ“, со 65 пратеници ја има поддршката на „Демократска Бугарија“ и „Стани, мафијата надовор“ со 34 и 13 пратеници, што не е доволно за мнозинство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.