Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, по седница на Кризниот штаб за сузбивање на епидемијата на коронавирус, изјави дека епидемиолошката состојба во Србија станува се посложена и дека најважните мерки кои треба да се применат се: вакцинација со прва доза, трета доза вакцинација и вакцинација за млади. „Тоа се мерките! Луѓе, вакцинирајте се, особено младите .. Не е потребно Кризниот штаб да донесе нови мерки”, изјави Брнабиќ, пренесува дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ на прес конференцијата кажа дека Србија „се подготвува за воведување на Ковид сертификат”.

Се подготвуваме за воведување на ковид сертификат доколку е потребно. За неколку дена ќе донесеме одлука, а на Кризниот штаб се договоривме за подготовки за ковид сертификатот, кажа Брнабиќ.

Таа додаде дека во Србија, 52,2 отсто од населението се вакцинирани, 50,1 проценти биле ревакцинирани, а 318.858 лица или околу шест проценти ја примиле третата доза.

Исто така, таа изјави дека само во три белградски локални самоуправи процентот на вакцинирани е над 70 отсто.

Кога станува збор за вакцинирање на младите луѓе, таа изјави дека има само осум локални самоуправи во кои процентот на вакцинирани млади луѓе, помеѓу 18 и 30 години, е над 30 отсто.

80 отсто од заразените се помлади од 60 години, а секој трет заразен е помлад од 20 години, кажа Брнабиќ.

Што се однесува до училиштата, нејзиното барање е децата да одат на училиште што е можно подолго, бидејќи, како што рече, тие се најбезбедни таму.

Брнабиќ повтори дека единствет начин да се победи коронавирусот е вакцинацијата.

Со овој процент на вакцинација, не можеме да останеме стабилни, предупреди срспката премиерка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.