Европската Унија утрово го поздрави мирниот изборен процес во Црна Гора, но нотира дека кампањата била „интензивно поларизирана“ и бара инклузивен дијалог помеѓу сите чинители, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во заедничкото соопштение на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, се истакнува дека преодните наоди на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР констатирала дека иако изборите биле добро менаџирани, поларизацијата на јавната дебата околу прашањата врзани за црквата и националниот идентитет, како и недостатокот на рамнотежа во медиумското покривање во корист на власта, се прашања кои треба да се решат.

Кога извештајот на ОБСЕ/ОДИХР ќе биде готов и препораките поднесени, сите политички чинители и релевантни институции треба да се посветат на транспарентен, одлучен и инклузивен дијалог за имплементација на овие препораки и да ги решат долгогодишните изборни недостатоци навремено пред следните избори – порачаа Вархеји и Борел.

ЕУ се надева дека следната црногорска влада ќе продолжи да ги исполнува реформите поврзани за членство во ЕУ.

Црна Гора е многу напредна во пристапниот процес кон ЕУ и следните месеци треба да бидат искористени за да се продлабочат и забрзаат политичките и економските реформи, посебно во делот на владеењето на правото, стои во реакцијата на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.