Брендот на словенечката авиокомпанија „Адриа ервејс“, која е во стечај, е продаден на понудувач од странство за нешто повеќе од 33.000 евра нето.

Почетната цена во третиот обид за продажба на овој бренд беше утврдена на 10.000 евра.

Името на клиентот не е познато.

Девет понудувачи се јавија на јавната покана да достават обврзувачка понуда, вклучително и четворица од странство – соопшти стечајниот управник Јанез Пустатичник за словенечката новинска агенција СТА.

Тој потсети дека на првата покана за доставување обврзувачка понуда, кога бараната цена беше утврдена на 100.000 евра, само еден понудувач го платил депозитот, но не успеал да достави понуда, а на вториот повик, кога цената беше преполовена на 50.000 евра, немало интерес на инвеститори.

Брендот „Адриа ервејс“ вклучува неколку регистрирани трговски марки, логоа и домени на Интернет – „adria.si“, „flyadria.si“, „adria-airways.si“, „afs.si“, „adria-airways.com“, „adria.ba“, „adria.mk“ и „adriaairways.me“.

„Адриа ервејс“ е во банкрот од октомври 2019 година. Највредниот продаден имот досега е нејзиниот сертификат за авиооператор (AOC), кој беше купен на аукција за 45.000 евра од „Ер Адриатик“, сопственост на словенечкиот претприемач Изет Растодер. Оттогаш, Растодер не презеде други чекори за заживување на оваа авиокомпанија.

Како што пренесува агенцијата СТА, во меѓувреме, школата за летање „Адриа ервејс“ беше преземена од институт предводен од поранешниот претседател на Уставниот суд, Петер Јамбрек, кој влезе во проектот со кинески партнер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.