Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел оцени дека настаните во односите меѓу Косово и Србија ја загрозуваат долгогодишната напорна работа и постигнатото во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина и ја комплицираат безбедносната состојба во регионот и пошироко.

Европската Унија, додаде Борел во соопштението, ги повикува двете страни да се воздржат од какви било унилатерални дејства што би можеле да доведат до дополнителни тензии, пренесува српската агенција Бета.

Борел додаде дека повлекувањето на косовските Срби од косовските институции не е решение за актуелните спорови и ги повика Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат обврските од дијалогот и да се вратат во косовските институции, вклучително и полицијата, судството и локалната администрација. .

Во исто време, ЕУ уште еднаш ги повикува косовските власти да ги почитуваат своите обврски без одложување, што значи итно продолжување на процесот на пререгистрација на возилата и суспендирање на какви било казнени дејствија против сопствениците на табличките КМ, истакна Борел во пишаната изјава.

ЕУ, исто така, го повикува Косово веднаш да започне чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини, додаде тој. Собранието на Косово го ратификуваше Бриселскиот договор, а Уставниот суд на Косово одлучи Заедницата да се формира, рече Борел и наведе дека затоа тоа е законска обврска за Косово.

Борел додаде дека одговорност на двете страни е да обезбедат мир и стабилност.

„Секое дејствие, како палење автомобили или застрашувачка реторика што може да доведе до тензии се неприфатливи и ќе предизвикаат соодветен одговор од меѓународната заедница“, додаде тој.

Како што нагласи, ЕУЛЕКС е подготвен да обезбеди стабилност на Косово.

„ЕУ е подготвена да продолжи да помага во преговорите, но двете страни треба да покажат подготвеност да бараат решенија на конструктивен начин и да ги почитуваат своите обврски преземени во дијалогот“, додаде тој.

Борел на Твитер објави дека синоќа разговарал со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Косово Албин Курти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.