Косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај, во име на неговата Влада, им понуди на САД да формираат постојана воена база на територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти косовското МО, Мехај, кој престојува во официјална посета на САД, понудата му ја изнел на потсекретарот на американскиот Департман за одбрана, Колин Кал, за време на нивната средба во Пентагон.

Косовскиот министер на средбата со високиот претставник на американската одбрана изјавил дека формирањето на таква база „ќе придонесе многу за мирот и регионалната стабилност на Балканот“.

Потсекретарот Кал, се вели во соопштението, уште еднаш ја потврди поддршката на САД за евроатлантската интеграција на Косово, „нагласувајќи дека визијата на американскиот претседател Џо Бајден за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ останува дел од неговата приоритетна агенда“.

Тој, исто така, високо го вреднувал и партнерството во првата мировна мисија на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во Кувајт, како и учеството на ФСК во воената вежба на американските и сојузничките сили „Дифендер – Јуроп ‘21“.

– Потсекретарот Кал нагласи дека поддршката за подигање на капацитетите на ФСК ќе биде постојана, а исто така, позитивно ги оцени подготовките за наредните мировни мисии, со што се зголемува уште повеќе улогата на Република Косово како фактор на мирот и на планот на глобалната безбедност, се вели во соопштението.

Косово, во соработка со американската војска, во март годинава испрати во Кувајт еден контигент на Безбедносните сили, што претставува прва нивна мисија надвор од земјата



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.