Бугарско-македонската трговско-индустриска комора упати Декларација до премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев во која се изразува загриженост од „негативното влијание врз деловната клима и трговските односи меѓу двете братски држави“ и се апелира за надминување на политичката криза и економско поврзување.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, кој имаше увид во содржината на документот, според Комората, во изминатите 50 месеци од потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка на 2 август 2018 година, „не е имплементирана ниту една од предложените мерките во Белата книга и на Тркалезната маса“.
– Бугарските и македонските граѓани и натаму плаќаат најскап роаминг во регионот, поминуваат низ двојна гранична и царинска контрола, не можат да користат даночни олеснувања при напуштање на соседна земја и нема ниту еден прекуграничен инфраструктурен проект, се наведува во Декларацијата.
Според Комората, меѓу Бугарија и Македонија не постои ниту транспортно, дигитално или инфраструктурно поврзување, а наместо тоа има конфронтација, административни бариери, непријателство и недостиг на перспективи за разбирање и соработка.
Во Декларацијата се повикуваат владите на двете земји да ја надминат политичката криза и да се заложат за економско поврзување со цел „формирање на заеднички европски дом на Балканот, за бизнис без граници, за културно поврзување и разбирање“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.