По пребројувањето на гласовите од референдумот за разрешување на актуелниот лидер на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша, што го организираше историскиот лидер Сали Бериша, тој доцна синоќа се обрати пред седиштето на партијата.

Бериша порача дека се поклонува пред десетици илјади, поточно 44 илјади демократи кои на плебисцитарен начин одлучиле за разрешување на Баша.

Не Баша туку „брава“ оди си, Лул Брава засекогаш оди си од раководењето на оваа политичка сила. Ова е заслужена казна за една несовесна личност, која највисоката обврска како лидер на опозицијата ја користеше за лични пазарења и ја третираше Демократската партија како негова сопственост. Ова е најодличното гласање кое пишува ново поглавје во историјата на револуцијата – порача Бериша.

Тој истакна дека „оваа револуција нема да запре, и нема сила која може да ја запре“.

Сведоци сме на срамните обиди на нарко државата против овој величествен чин во плуралната историја. Доволно е да ве потсетам на појавувањето со часови на телевизиските студија на киднаперот (Баша) и слично. Не постои сила што може да ги запре луѓето во реализација на нивните цели за слобода и достоинство – додаде Бериша.

Претходно, на седница на Националното собрание на партијата, свикана од Баша, на кое од 7.500 присуствувале 5.004 делегати беше донесена одлука со која Бериша е исклучен од структурите на партијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.