Белград завеан: Градоначалникот Радојичиќ изненаден, очекувал помалку снег

Балкан 24.01.2019 / 10:18
фото: Фликр

Снегот кој почна да паѓа во текот на ноќта во Белград, главниот град на Србија, ќе паѓа и во наредните два дена, поради што се очекуваат потешкотии во сообраќајот. Градските служби се во четврт степен на подготвеност, што значи градот ќе го чистат 1.600 луѓе и 300 машини.

Сепак, поради фактот дека снегот и понатаму обилно паѓа, изгледа чистењето улици и возила е како Сизифова работа.

Градоначалникот на Белград Зоран Радојичиќ пак, за телевизија ТВ прва рече дека прогнозата на метеоролозите била поинаква, односно дека очекувал помалку снег.

„По сегашната прогноза снег ќе паѓа и денеска и утре како и во сабота и во недела. Градските служби константно се во четврт степен на подготвеност. Сите служби работат и прекувремено и даваат се од себе да ги ублажат проблемите“, вели тој.

Тој вели дека сите светски градови во вакви услови функционираат забавено и апелираше до граѓаните да користат други начини на транспорт за да се намали метежот во сообраќајот.

Според него, од утрово имало малку проблеми, а екипи биле веднаш испратени да ги решат и додава дека има проблеми и дека ќе ги има, но важно е што службите брзо реагираат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.