Во силниот земјотрес што утринава ја погоди Албанија, според најновите податоци за жртвите објавени од албанското Министерство за одбрана, загинаа 14 лица, од кои најмалку две се деца, јавија локалните медиуми.
„Газета експрес“ пишува дека тројца од загинатите во Туман, градот кој беше најсилно погоден од земјотресот, биле пронајдени во урнатините на една семејна куќа. Меѓу нив се наоѓало и загинато бебе.
АТА јавува дека на најмалку 600 лица им била укажана лекарска помош во здравствените установи. Агенцијата, исто така, пренесе дека досега, од под урнатините се спасени најмалку 28 лица во Туман и Драч, но има и извештаи за значителен број на луѓе кои остануваат заробени во урнатините под остатоците од зградите во тие области.
Епицентар на потресот е лоциран меѓу Драч и Тирана, на длабочина од десетина километри. По силниот земјотрес, следуваа уште неколку потреси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.