Од задутре, четврток, до 28 февруари ќе има зголемени рестриктивни мерки во Атика, поширокиот регион на Атина. Тоа значи дека се затвора секаков вид малопродажба, а сите нивоа на образование ќе работат на далечина.
Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, во видео пораката што ја упати до граѓаните, соопшти дека мерките за областа Атика се воведуваат по препораката на Комисијата на епидемиолози, која одржа вонреден состанок.
Мицотакис истакна дека врз основа на новите податоци, лично тој „ја презема одговорност за дополнителните мерки за заштита на јавното здравје“.
Опасноста повторно се појавува. Не во форма на илјадници болни и смртни случаи, како во другите европски земји, но, постојат два податоци кои особено нè загрижуваат. Од една страна, зголемувањето на бројот на хоспитализираните лица во Атика, каде што постепено се полнат здравствените структури. Од друга страна, мутациите на вирусот кои се чини дека ја забрзуваат неговата преносливост – истакна Мицотакис, истакнувајќи дека целта е секогаш да бидат еден чекор пред вирусот, тактика што, како што рече, донела резултат при последните рестрикции во јануари.
Мицотакис додаде дека намерата е да се спречи дополнителното ширење на вирусот, да му се даде време на здравствениот систем, а во исто време да продолжи вакцинацијата.
Во седум-минутната видео порака, Мицотакис ги повика граѓаните да останат обединети и зрело да одговорат и да се заштитат себеси и своите најблиски.Тој додаде дека очекувањата се од април ситуацијата да биде многу подобра, но, сега мора да се спречи опасноста.
Нема да кријам: Во следните два месеци лепезата на рестрикции веројатно ќе се отвора и ќе се затвора во зависност од нивото на вклучениот аларм. Од нас зависи што ќе се случи секој пат. Но, тоа е и последната милја до слободата. Државата има план за до крајот на пролетта најранливите Грци да бидат заштитени. Целта е дотаму да стигнеме силни. И голем чекор на овој пат на надежта е да бидат успешни мерките што од задутре ќе бидат во сила. Ќе ги почитуваме и ќе победиме – истакна грчкиот премиер завршувајќи ја пораката до граѓаните.
Утре, надлежните министри детално ќе ги објаснат новите мерки.
Денеска во Грција беа регистрирани 1.526 нови случаи на Ковид-19, од кои 750 се во Атика, а починаа 20 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.