Најмалку 30 лица се приведени вечерва за време на судирите меѓу грчката полиција и група анархисти во атинската населба Ексархија, каде пред 10 години беше убиен младиот Алексис Григоропулос.
Анархистите кон полицијата фрлаа со молотови коктели и друга пиротехника, на што полицајците одговорија со солзавец и со водени топови.
Анархистите поставија блокада на една од улиците во Ексархија од запалени контејнери со смет, со цел да го спречат пристапот на полицијата, а опожарен е и најмалку еден автомобил.
При немирите се оштетени повеќе возила и причинета е заначителна материјална штета на околните објекти.
За разбивање на барикадите полицијата употреби водени топови, на што анархистите возвратија со нови молотиви коктели и пиротехника, кои врз возилото цистерна беа фрлани од балконите на околните згради.
Засега нема информации за повредени лица при судирите.
Пред вечерашните немири во Ексархија, која важи за собиралиште на анархистите, доцна попладенво мирни протести по повод 10-годишнината од убиството на Григоропулос се одржаа во центарот на Атина.
Претежно млади лица, членови на студентски, левичарски и анархистички организации и здруженија организраа протестен марш кој заврши пред грчкиот Парламент.
Дел од слоганите што ги извикуваа учесниците на протестот беа против полицијата и полициското насилство.
На 6 декември 2008, 15-годишниот Алексис Григоропулос, беше застрелан од полицаец во атинската населба Ексархија. Полицаецот е осуден на доживотна затворска казна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.