Првиот човек на бугарскиот дел од заедничката комисија за прашања од историјата и за учебниците, Ангел Димитров, во авторски текст за агенцијата БГНЕС ги истури сите лични фрустрации на сметка на Македонија и Македонците од досегашните недоразбирања и отсуството на конкретни резултати во нејзината работа. Во отворениот излив на бес, преточен во застарена и изживеана реторика, тој едноставно се размавтал и се однесува како „руски генерал во Бугарија“!
Наводите се оскористени, зашто токму таква била репликата на еден наш историчар кон него за време на една од сесиите на мешовитата комисија, по што Димитров, наводно, почнал да клоца дури и столчиња. Јавноста можеби првпат се запознава со ова, но членовите на комисијата сигурно ќе се потсетат на настанот, што се случил уште пред неколку години, анализира „Пресинг ТВ“.
Од денешен аспект, пак, текстот и сите истурени блуеници врз Македонија и Македонците го прават Димитров во прав ДимитровZ! Новокомпониран путинист, за кого историјата на Македонија и Македонците едноставно не постојат или ако постојат, тие се чисто бугарски и никако поинакви! Така, како што сака бугарската страна да се чита и Договорот за добрососедство и делот за „заедничка историја“!
Наспроти сите истурени навреди, сепак, се чини дека написот на ДимитровZ има повеќе внатрешно-политичка, отколку „добрососедска“ димензија. Зашто, крајно индикативен е моментот кога е напишан и објавен авторскиот текст. Случајно или не, тоа се случува во време кога веќе опозициската ГЕРБ едногласно го реизбра Бојко Борисов за партиски лидер и најави дека нејзината основна претстојна задача ќе биде доаѓање до нови предвремени парламентарни избори. А, на ова секако треба да се додаде и политичката, здравствената и економската криза во која се наоѓа Бугарија, впрочем како и сите земји во Европа.
Во крајна линија, ДимитровZ ни кажува дека и членовите на бугарскиот дел од комисијата не се согласуваат со рестартот и новиот приод во враќањето на довербата меѓу двете држави и дека имаат сосема друга политичка агенда, многу поблиска со ревизионистичката политика на Борисов, Румен Радев и Красимир Каракачанов!
Што го заболе уво ДимитровZ за спомениците на Гоце Делчев, Даме Груев или за Порта Македонија?! Да не сака и тој како Каракачанов да ни испрати една бугарска воена инженерска единица за да ни „помогне“ во „правилното“ нивно означување или можеби уривање?! Исто како што сега Путин се однесува во Украина! И за него не постојат Украинци, а Украина како држава е вештачка творба, исто како што за ревизионистичка и хегемонистичка Бугарија не постојат Македонци, а македонизмот е идеолошка творба градена врз антибугарски основи, само што државата Македонија може да постои, ама како втора бугарска држава.
А, за да го оправда сето ова, ДимитровZ ги плаши ЕУ и САД со реинкарнација на Тито и Сталин во Македонија! Па, ако станува збор за реинкарнација на тоталитаризмот, би било добро ДимитровZ малку да погледне во сопствениот, бугарски двор. И ќе види дека врз жестокиот бугарски антикомунизам фактички се крие отворен неонацизам!? Ќе види дека зад тој бугарски неонацизам се крие ревизијата и негирањето на холокаустот и депортацијата на македонските Евреи за време на Втората светска војна!
Ако тоа не може да го види, тогаш нека се запраша, на пример, зошто токму сега во бугарското општество се води полемика и за постоењето нацизам во Бугарија за време на Втората светска војна, зошто токму сега се бара менување на името на улицата „Гроф Игнатиев“, зошто токму сега се бара преместување на споменикот на Црвената армија во Софија, зошто токму сега експресно беше сменет министерот за одбрана…
Затоа би било многу подобро Aнгел ДимитровZ, наместо да пишува текстови и да ни држи лекции за убаво однесување, конечно да излезе од шинелот на размавтаниот руски генерал во Бугарија и да мисли со европски вредности. Што е многу подобро од ревизионистичките и шовинистичките политики на неговите политички ментори.
Извор: ПресингТВ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.