Бугарскиот магазин „Капитал“ прави анализа за политичката состојба во Бугарија по владеењето на поранешниот премиер, Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ.

Во наследството на ГЕРБ и Борисов нема реформи, но има изграден апарат за репресија врз непослушни бизнисмени и политички противници – пишува „Капитал“ во анализата.

Во продолжение текстот на „Капитал“.

Првата влада на ГЕРБ и Бојко Борисов ги разби надежите за „општа промена“, а втората – и кревката фасада на демократијата; но, во третата, државата се сруши во опасна насока. Оваа постепена регресија одговара и на мерливите ефекти на управувањето: повеќе од една деценија не е спроведена реформа на модернизација во кој било сектор.

Активностите за изградба и обнова останаа „алфа и омега“ во визијата на партијата за „европски развој“, а за целите на нетранспарентното впивање на огромните средства за самите нив, беа создадени државни мегаструктури кои не подлежат на јавна контрола.

Ако одржувањето на макроекономската стабилност е достигнување што треба експлицитно да се спомене, тоа е сè. Заедно со добрата вест за пристапувањето на земјата во чекалната на еврозоната и банкарската унија, сепак, скорот е скромен наспроти големиот број обврски, вклучително и реформи во судството и борбата против корупцијата. Во текот на изминатите четири години, Бугарија цврсто ја задржа водечката позиција во сиромаштијата и корупцијата во ЕУ, како и позицијата на дното во однос на квалитетот на животот и демократијата. Секое следно преминување на границите утврдени со демократските правила и владеењето на правото покажа дека во Бугарија, можеби, нема дно.

ДРЖАВАТА Е СÈ ПОМАЛКУ ЛЕГАЛНА

Театарските сцени што поранешните владетели ги играа во парламентот и надвор од него, по изборите го илустрираат бруталниот начин на функционирање на државата. Неодамнешното лично сведочење на големиот земјоделец, сопственикот на „Градус“, Светослав Илчовски за изопачените врски меѓу Владата и бизнисот ги разбранува духовите, но тешко е да се изненадиме со изобилството примери на злоупотреби и неказнивост коишто во многу случаи беа занемарени. Илчовски, едноставно, е еден од ретките во бројните колони на оние што јавно зборуваа за синџирот на нерегулирани односи што ја претвора политиката во паралелен црн пазар управуван од служби, рекетирање и репресија од страна на владините институции и ним подредените „независни регулатори“. Како што може да се види и од кашата што сопственикот на „Градус“ ја размеша во својот говор пред специјалната парламентарна комисија, со која требаше да го побие кажаното.

Не случајно во јавноста воскреснува имиџот на посткомунистичките бизнис-фраери – тетовираните мускулести херои од првите години на транзицијата. Но, сега не како метафора за организиран криминал од подземјето, туку како слика за самата политичка моќ. Штетата од ова е многу подлабока отколку што се чини, објаснета како „коруптивни практики“ и кражба на јавни средства. Големата слика под нив е позастрашувачка – за нарушениот институционален поредок, во кој економијата е сè помалку ориентирана кон пазарот, а државата е сè помалку легална.

Објективно, исправањето на овој поредок не може да биде задача на привремената влада, и покрај контрастот во комуникацијата со јавноста, што најверојатно прво ќе се почувствува. Јавниот разговор наметнат последниве години од говорницата на запленетите медиуми беше само за моќта, но не и за она што навистина се прави за луѓето и бизнисот со оваа моќ.

Нема реформи во наследството на ГЕРБ и Борисов, но има апарат за репресија на конкуренти и политички противници, кој ќе ги брани целосно споените политички и економски интереси. Истата задача ќе ја извршат шок-состаноците во последните неколку недели во јавниот сектор. Некои од значајните настани и процеси во изминатиот мандат, гледано од временска дистанца и според влијанието врз општеството од нив, покажуваат зошто промената по изборите е важна.

МОДЕЛОТ „КТБ“

По седум години по распадот на „КТБ“, тогашната трета по големина банка во Бугарија, и исчезнувањето на неколку милијарди лева, праведниот општествен исход е сè повеќе илузорен. Судскиот спор за обвинението поднесено пред три години (во кој не се споменува името на Дељан Пеевски како дел од распаднатиот тандем со поранешниот мнозински сопственик на „КТБ“, Цветан Василев), со што заврши истрагата (под контрола на подоцна избраниот главен обвинител Иван Гешев) е до никаде.

За сето ова време, не се направи адекватен извештај за доверителите на банката, а до денес собраниот капитал опфаќа околу 20% од обврските на пропаднатата банка. Главниот доверител за спасување на депозитите на физички лица во „КТБ“ остана Фондот за гарантирање депозити кој, се чини, на крајот ќе испие една студена вода.

Од друга страна, измената и дополнувањето „Пеевски“ во Законот за стечај на банки во 2018 година – познат и како „Закон за секундарно разграбување на КТБ“ – овозможи ликвидација на голем дел од активата на банката од компании околу поранешниот пратеник на Движењето за права и слободи (МРФ), на Ахмед Доган.

ВАЛКАНАТА КОЦКАРСКА ПРИКАЗНА

Случајот, пак, со „босот“ на хазардот Васил Божков е меѓу најилустративните. После неколку години дозвола за сопственикот на „Националната лотарија“ самиот да си ги напише законите и да назначи свои контролни тела, очигледно неуспешниот обид бизнисот да му се преземе „со добро“ доведе до спектакуларна акција на Обвинителството и опасен преседан со фактичка национализација на компанијата, отворајќи го патот за повторување на овој вид самоказнување со други бизнисмени. Во овој случај, официјално претставен како даночна штета на буџетот од 700 милиони лева, нема невини, но има многу јасни степени на одговорност.

Приказната за начинот на создавањето на нормативната двосмисленост, што на Божков му овозможи самиот да избере колку данок да плати на државата, е тежок пример за заробена држава во која јавниот интерес се трампа за „хонорари“ од милиони левови распределени низ владините канцеларии. За тоа говори и записникот од состанокот на Божков со поранешниот сопственик на Нова ТВ, Кирил Домушчиев, за земање институционален рекет во форма на финансирање на провладини медиуми, за Божков да се стекне со „целосна поддршка“ од органот за контрола, Државната комисија за игри на среќа.

Важен момент во овој случај е дека од сите поранешни претседатели на набрзина затворената Државна комисија во последните шест години, само Марија Филипова, која ја извршуваше функцијата во 2018 година, не беше обвинета. И покрај смс-преписката објавена од шефот на коцката во овој период со лице заведено во неговиот телефон како „Влади Горанов“, кое го уверува во „вредните упатства кон девојчето“ (посочена од Божков како поранешната шефица на Комисијата за игри на среќа). Таа продолжува да биде заменик-претседател на државната Комисија за финансиски надзор и го води одделот за супервизија на инвестиции.

А, државата не можеше на суд да ги докаже неплатените долгови на Васил Божков, кој побегна во Дубаи, а одземањето на неговата лиценца за деловно работење беше прогласено за незаконско.

ХИБРИДЕН НАПАД ПРОТИВ БОБОКОВИ

Рацијата врз „непослушните“ бизниси продолжи со нападот на обвинителот врз браќата Бобокови, сопственици на „Приста Оил“ и „Монбат“. Обвинението против нив за организирана криминална група поврзано со опасен отпад е спротивно на нивното јавно тврдење дека Пеевски сакал да им го земе бизнисот, „но човекот што организирал сè е Бојко Борисов“. Во оваа разделба нема конфликт. Акцијата против бизнисмените имаше второ, политичко дно – невиден упад на Обвинителството во Кабинетот на претседателот и обидот за удар врз Румен Радев со обвинување за криминален заговор за трговија со влијание меѓу еден од неговите советници и Пламен Бобоков.

Само неколку часа по прашањето на Радев зошто Националната служба за безбедност го чува почесниот лидер на МРФ, Ахмед Доган, и неговиот пратеник Дељан Пеевски, упадот предизвика аналогии со институционален преврат. И како во 2013 година, по гласањето на Пеевски за претседател на ДАНС (Државната агенција за национална сигурност), упадот го разбуди граѓанското општество за голем протест против заробувањето на државата, како и на европските институции – за системските проблеми во управувањето на Бугарија.

Седум месеци подоцна, судот го прогласи тогашното апсење на претседателскиот секретар Пламен Узунов за незаконско, а неодамна Борисов ја предаде функцијата на привремениот премиер, назначен од претседателот, напуштајќи ја Владата преку задниот влез на зградата.

ПРОПАЃАЊЕТО НА ИЗМИСЛЕНИТЕ СЛУЧАИ

Во текот на мандатот на Борисов, вниманието на јавноста беше пренасочувано врз фабрикуваните, политички мотивирани обвинителски случаи за заплашување, притисок и вознемирување. На пример, поранешните министри од Реформистичкиот блок поминаа низ нив како жртвени јагниња за неуспесите на втората влада на ГЕРБ, а секое од обвинувањата против нив подоцна падна на суд.

Случајот „ЕВН“, против основачот на критичките медиуми „Капитал“ и „Дневник“, Иво Прокопиев, и поранешните министри за економија и финансии Трајчо Трајков и Симеон Џанков – и самите отворени критичари на власта – стана значаен пример за обвинителска репресија врз независни медиуми и политички противници на политиката на Борисов. На почетокот на минатата недела, нивната ослободителна пресуда стапи на сила, откако Обвинителството одби да се жали на пресудите. Пред еден месец стана јасно дека Обвинителството прекина уште една тригодишна истрага против Прокопиев, од истата причина – недостаток на криминал.

Покрај тешката форма на притисоци и нанесената штета врз угледот, што е и целта на овие напади, залудно се потрошени средства и време за работа на еден куп институции во долгиот период помеѓу почетокот на „истрагите“ и конечната ослободителна пресуда на судот. Со текот на времето, ќе стигнат и оштетите од пресудите добиени во Стразбур и пред другите меѓународни судови, што исто така оди на сметка на даночните обврзници.

ЗЛАТЕН ДОЖД

Истовремено, шемите за неконтролирано трошење на јавни средства достигнаа нови нивоа на дрскост со создавање на повеќе мастодонти – какви што се „Автопатишта“, „Државната нафтена компанија“ итн. – во кои буџети со милијарди левови тонат како во црна дупка. Само во јануари годинава Владата одвои 5 милијарди лева од даночните обврзници за изградба на патишта и ги распредели без тендери преку „Автопатишта“.

Освен нелојалната државна интервенција на пазарот во различни сектори што ќе ја спроведат овие мега-субјекти, недостатокот од јавни набавки и каква било транспарентност во трошењето на огромниот јавен ресурс се заканува да доведе до феудализација на големи делови од економијата.

За време на последниот мандат на ГЕРБ беа потрошени огромни средства – речиси 3 милијарди левови – за продолжување на „Турскиот поток“ низ Бугарија, но ниту една од одложените реформи не беше спроведена. Соодветно на тоа, земјата станува сè понеконкурентна во регионот.

Фокусот на мега-проекти, какви што се рускиот гасовод и АЕЦ „Белене“, со потенцијал за скапи корупциски шеми, создаваат штетно деловно окружување и не привлекуваат инвестиции. Не беше донесена одлука за најважната реформа – либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Постои целосна неактивност во рамките на „Зелениот договор“ на ЕУ. Како резултат на тоа, Бугарија ќе мора да плати една милијарда лева за емисии на СО2 само оваа година, што или ќе се одрази врз цените на електричната енергија или ќе создаде огромен дефицит во системот.

Дури и малите измени за олеснување на инвестициите во обновливи извори се задушија од бројни административни пречки. Како резултат на тоа, во Бугарија нема нова централа за соларна енергија или централа на ветер, за разлика од сите соседни земји.

Борбата против нечистиот воздух заврши со набавка на електрични автобуси со европски пари, испорачани повторно од компании блиски до ГЕРБ. Електраните и другите инсталации поврзани со Христо Ковачки продолжуваат да работат без никаков проблем, и покрај бројните сигнали за загадување и горење на ѓубре.

Диверзификацијата на гасот останува како фатаморгана, бидејќи поврзувањето со Грција сè уште го нема никаде, а во останатиот систем од цевки доминира „Газпром“.

КОВИД: КОЈ ПРЕЖИВЕА – ПРЕЖИВЕА

Меѓу многуте невистини што излегуваат од устата на Борисов, фалењето дека „најдобро се справуваме со епидемијата“ и „цела Европа зборува за бугарскиот модел“ се меѓу најодбивните. Бидејќи зад лагата стојат илјадници човечки жртви, како и бизниси доведени на работ на банкрот.

Мерките беа диктирани од политички, а не од медицински причини. Одлуките за затворање во насока на заштита на здравствениот систем беа донесени само откако се преполнија болниците. Статистиката за изминатата епидемиска година во Бугарија вели дека починаа скоро 34 илјади луѓе повеќе од истиот период лани (т.н. „прекумерна смртност“). Само половина од нив се официјално жртви на ковид, но и покрај тоа Бугарија е во топ 5 во светот според бројот на жртви на пандемијата по глава на жител. Освен според водечките позиции по смртност, Бугарија е на последното место според бројот на вакцинации за ковид-19.

Речиси е исто со економските мерки. Не се пронајде брз и функционален механизам за поддршка на најпогодените сектори, немаше предвидлива политика за карантините, еднаш ветените износи беа презентирани како нови.

Според тоа, иднината може да започне да изгледа подобро за повеќе луѓе, прашање е само дали следните избори ќе дадат шанса за тоа.

Преземено од „Капитал“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.