Американската амбасада во Софија се извини за инцидентот пред повеќе од две недели, во кој американски војници упаднаа во производствен погон во близина на старата воена единица на затворениот аеродром во Чешнегирово.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, во соопштението за медиумите од американската амбасада се наведува дека тие добиле информација за инцидентот дури вчера. Во соопштението се вели дека на 11 мај американски војници од 173-та воздушно-десантна бригада спровеле симулација за обука во која зградите на аеродромот Чешнегирово требале да бидат запленети и обезбедени. За време на вежбата, американските трупи влегле и во зграда во близина на аеродромот, која според нив била дел од областа за обука, но во која се сместени бугарски цивили ангажирани од приватни бизниси.
– Искрено се извинуваме на приватната компанија и вработените во зградата, се вели во соопштението на дипломатската мисија, додавајќи дека истрагата за причината за грешката е во тек.
Бугарското Министерство за одбрана, исто така, одржа брифинг.
Времениот министер за одбрана на Бугарија, Георги Панајотов го опиша она што се случи во Чешнегирово како очевидно недоразбирање и инцидент.
Министерот Панајотов посочи дека бугарското Министерство за одбрана и американската страна се подготвени да ја надоместат компанијата доколку е причинета материјална штета.
Тој најави дека очекува истрагата за инцидентот да заврши во рок од неколку дена
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.