Видео снимка од средба на неодамна разрешениот Реис Сулејман Реџепи со Албанец кој живее во САД покажува како албанското лоби се обидувало да допре до претседателот Доналд Трамп и да ги наметне своите национални барања.
На снимката се гледа доктор Скендер Кодра, психолог кој живее во Њујорк, како ги разгледува начините како Албанците може да дојдат до Трамп. Кодра вели дека тој и сите Албанци во САД секако ја поддржувале Хилари Клинтон за претседател, и се сомнева дека Трамп како претседател има симпатии кон „славо-словените“, но вели дека сепак треба да се најде некој Албанец кој е близок до претседателот. Единствен таков, според Кодра, е фотографот Фадиљ Бериша, кој имал специјален пристап до Меланија Трамп.
Немам доверба во Трамп. А со Бил и Хилари Клинтон сум седел како што сега седам со вас. Ги вложив сите сили да победат, но за жал загубија. И што да правиме сега? Трамп вика дека има еден Албанец кого го сака и кон кого има почит. Фотографот Фадиљ Бериша. Прашав зошто, и ми викаат, абе докторе, Фадиљ ја сликал гола жената на Трамп. Ја сликал гола, вели Кодра. На снимката Кодра додава дека предност на Албанците на Балканот е што САД немаат ниту еден народ кој им е повеќе верен од Албанците.
Пред бракот со Доналд Трамп, Меланија Кнавс беше манекенка, и беше позната по честите разголени фото-сесии. А Фадиљ Бериша е познат фотограф во Њујорк кој работел со голем број манекенки.
Кодра вели дека се сретнал со Бериша, и разговарал со него како може најдобро Албанците да ги изнесат своите барања пред Трамп. Американската администрација во моментов работи на план за договор меѓу Косово и Србија, кој веројатно ќе вклучува и размена на територии за да се изврши етничка хомогенизација.
Доктор Кодра предводи организација наречена Албанско-американска академија на науки, која работи на поврзувае на научници Албанци во САД, но очигледно дејствува и како една од албанските политички лоби организации во Америка.
Контроверзниот Реис Реџепи не коментира многу за време на снимката која беше објавена деновиве. Реџепи зад себе остави голем број скандали, од ширењето говор на омраза кон Македонците и промовирањето на мапи на Голема Албанија, до заканите дека ќе ја саботира борбата против корона вирусот, па се до венчавката со жена половина век помлада од него неколку дена пред да биде разрешен од функцијата од страна на Ријасетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.