Албанскиот Парламент, утрово околу седум часот ја изгласа новата владата на премиерот Еди Рама, што следуваше по дваесетчасовна маратонска седница, на моменти во тензична атмосфера и преполна со обвинувања искажани од опозицијата.

За програмата и составот на владата „Рама 3“ гласаа 77 пратеници, 53 беа против и еден беше воздржан. Кога премиерот Еди Рама зеде збор да се заблагодари, пратениците од опозицијата ја напуштија салата.

Заменик премиер е Арбен Ахметај, министер за Европа и надворешни работи Олта Џачка, за правда Улси Мања, за финансии Делинда Ибрахими, за внатрешни работи Бледи Чучи, за одбрана Нико Пелеши, за здравство Огерта Манастирлиу, за инфратсруктура Белинда Балуку, за култура Елва Маргарити, за образование Евис Куши, за земјоделство Фрида Крифца и Мирела Кумбаро за туризам.

Владата има и четворица државни министри, сите жени, Елса Спиропали за односи со Парламентот, Едона Билали, за заштита на претпремачите, Бора Музаќи за млади и деца и Милва Економи, за стандарди и услуги.

Рама, меѓудругото, вети реализација на програмата во која петте главни столба на кои ќе се фокусира владата во четригодишниот мандат се заздравувањето на економијата по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата на 26 ноември 2019 година и пандемијата со Ковид-19, како и благосостојбата за сите граѓани и развиена економија која создава можности за сите, се двата главни столба на оваа владина програма, наведува агенцијата.

Исто така многу значајна е поентата поврзана со модернизацијата за развој на производната економија, туризмот, енергетиката, земјоделството, дигиталната економија, транспортот и услугите, семејството, како основа на која се гради иднината и петтиот столб е фокусот на силна Албанија, со силна држава, внимание за секој Албанец и со достоинство во светот.

Според Уставот членовите на владиниот кабинет заедно со премиерот треба да дадат заклетва пред шефот на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.