Албанското Министертво за внатрешни работи соопшти дека по синоќешните насилни протести трага по познатиот репер Аркимед Лушајн, познат под прекарот Стреси, како и седум други лица за организација и насилно однесување.

„Приведени се седум лица при што на тројца од нив им е одредена мерка притвор, додека за четворица малолетници поведена е постапка и ќе се бранат од слобода. Полицијата трага по седум други лица, меѓу нив и Аркимед Лушајн. Се товарат за организирање протест без дозола за тоа, напад на службени лица, предизвикана штета врз државен имот и непочитување на анти-ковид мерките“, се наведува во полициското соопштение.

Се наведува дека во протестите се повредени 16 полициски службеници, кои повредите ги добиле од тврди предмети. Според болнички извори еден од нив од повредата од тврд предмет има оштетен вид.

Протестот беше организиран поради убиството на 25-годишниот Клодјан Раша, кој беше застрелан во близина на неговиот дом во населбата Лапрак, во Тирана, за време на полициски час. Уапсен е полицаецот кој пукал во него, а кој тврди дека не запрел на повикот да го стори тоа и оти убиеното момче носело пиштол.

Медиумите наведуваат, повикувајќи се на полициски изори, дека пиштолот бил пронајден на 100 метри од мртвото тело на момчето и оти постои сомнеж дека тоа било предупредено да застане.

Првот албански полицаец, Сандер Лешај, изјави дека е во тек темелна истрага која ќе го расветли случајот.

Инаку, синоќешниот шестчасовен протест беше преполн со тенизички моменти, посебно обидот насилно да се влезе во објектот на владата, употреба на протехнички средства и тврди предмети од страна на учесниците, кои уништија полициски возила, палеа контејнери новогодишни елки, па дури и онаа во центарот на Тирана.

Полицијата беше зајакната и со специјалната едница за итни интервенции, гардистите и други стрктури, кои мораа да употребат солзавец за да ги растераат протестантите.

Протестантите бараа оставка од министерот Лешај а извикуваа и „Рама оди си“.

Дел од аналитичарите сметаат дека Лешај треба да си поднесе оставка, а доколку тоа не го стори премиерот Еди Рама треба да го разреши.

Извор: МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.