Обединетата албанска опозиција за денеска го најави одржувањето на „најголемиот национален протест“, со истите барања за заминување на премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе предвремени парламентарни избори.
Ќе се протестира пред Владата и за разлика од претходните, денеска протестот почнува во 18 часот.
Од февруари, кога почнаа протестите, досега се одржани осум протести, од нив шест пред Парламентот, а два пред Владата.
Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, од градот Фиер рече дека „криминалната банда на Еди Рама мора да си замине“.
Еди Рама и неговата банда мора да си одат и треба да знаат многу добро дека избори без опозиција нема да има. Каузата за ослободувањето на Албанија од бандата на Еди Рама е прифатена од огромното мнозинство Албанци – рече Баша.
Последeн апел пред денешниот протест, за што помасовно учество, тој упати преку социјалните мрежи.
Во сабота во 18 часот сите во Тирана! За вистински стандарди, за благосостојба на секој Албанец, за нашиот дом, за нашите деца, ЗА АЛБАНИЈА КАКО ЦЕЛА ЕВРОПА! – напиша Баша.
Албанската полиција е во целосна готовност. Ќе бидат ангажирани повеќе од 1.300 припадници на полициските единици. Пред Владата се поставени безбедносни камери, соодветни заштитни огради, како и заштитни решетки на позорците и вратите.
Синоќа преку социјалните мрежи, шефот на државата Илир Мета, на власта и опозицијата им порача дека е „неопходно да се создаде нова клима во која ќе се сослушаат еден со друг, а посебно да се дозволи критичко размислување, така што општеството ќе може постојано да се рефлектира и реформира“.
Амерканската амбасада од своите државјани побара да го избегнуваат делот на Тирана каде што ќе се одржува протестот, но и оној кај Парламентот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.